Горан Здравков е нов тренер на Брегалница Штип

Поранешниот фудбалски ас на Брегалница, Горан Здравков, е нов тренер на штипјани и тој ќе се обиде да приреди подвиг со тимот и во пролетниот дел од домашното првенство да се пробие до позициите кои водат во Европа.

По заминувањето на Илчо Ѓорѓиоски, штипјани долго бараа замена на тренерската позиција и се одлучија за Здравков.

„Одлучивме довербата да му ја довериме на Горан Здравков, едно од најголемите фудбалски имиња на Брегалница. Сакаме токму тука, во неговиот дом да ја почне и тренерската кариера и сметаме дека постапивме правилно.

Брегалница продолжува по патот што го трасираше да изгради клуб кој ќе биде сериозен прволигаш со правилни нормативи на функционирање“, изјави Кирил Гогов, првиот човек на штипската Брегалница.

На почетокот на вториот дел од сезоната, Брегалница ќе игра со Скопје на свој терен на 19 февруари во 19-тото коло на Првата македонска лига.

Тоа ќе биде и деби за Здравков на клупата на штипјани и шанса со победа да се доближат до местата што водат во еврокуповите.

Брегалница по првата полусезона е на шестото место со 21 бод, зад лидерот Струга со 37, Шкупи со 34, Шкендија со 28 и Тиквеш и Силекс со по 26, но има и меч помалку поради непарниот број од 11 екипи во Првата лига.

- Оглас -

Најнови вести