МЗТ Скопје Аеродром пет години чека враќање во елитната регионална АБА1 лига. Македонскиот првак сезонава одигра одлично во регуларниот дел и заврши како прв, а во фајнл 8 турнирот во четвртфиналето ја победи Сутјеска.
Вечерва е вториот од трите последни предизвици за влез во АБА1 лигата, а противник е Широки Бриег. Овој е еден од најопасните ривали, па од клубот од Аеродром веруваат дека со поддршка на публиката и вечерва ќе има радост во „Јане Сандански“.
Некогашниот кошаркар на МЗТ, а сега генерален извршен директор во клубот, Филип Ѓоревски, ги повикува сите љубители на кошарката да дојдат вечерва во сала и да го бодрат МЗТ Скопје Аеродром.
„На добар пат сме тоа што го зацртавме, да го оствариме. Потребни се само уште две победи за повторно да бидеме дел од АБА1 друштвото. Широки Бриег е ривал за почит, но нашата цел е јасна, а тоа е победа. Навивачите секогаш биле важна алка на МЗТ Скопје Аеродром и затоа и вечерва очекувам да имаме голема поддршка од трибините. Сите заедно да помогнеме Македонија да има учесник во АБА 1 друштвото“, вели Ѓоревски.
МЗТ Скопје Аеродром од 21 часот во „Јане Сандански“ го игра полуфиналниот меч од фајнл 8 турнирот, билетот чини 100 денари, а парите ќе одат за фондацијата „Марко Божиновски“.