Нема поголем подарок за Англичаните од фудбалот на денот за подароци, или популарниот Боксинг деј, вели Ѓорѓи Христов, наш поранешен репрезентативец и некогашен член на Барнсли.
Од 1997 до 2000 година тој играше за англискиот клуб и го има почуствувано духот на големиот празник, пред сè, како што вели, фудбалски, што се празнува со натпревари во сите англиски лиги на 26-ти декември.
Утре повторно е на ред да се гледа островски фудбал на Боксинг деј, а Христов може да се пофали и со постигнат погодок на еден од натпреварите што ги играше на 26-ти декември.
„Игравме со Болтон на гостински терен, на ‘Рибок стадионот’ и со мојот погодок поведовме, а мечот заврши нерешено 1-1. За Англичаните нема поголем подарок од присуство на стадионите за Боксинг деј. Фудбалот на 26-ти декември е закон во Англија, вистинска светост за нив. Атмосферата е специјална, но би рекол повеќе за навивачите, отколку за играчите. Ние сме долу на теренот, максимално сконцентрирани на тактиката, на битката за бодови, на уште еден меч во божиќното лудило со три кола за неколку денови. Но, кога за момент ќе ги погледнете трибините, среќните навивачи и колоритот, сфаќате што се случува“, раскажува Христов впечатоци од Боксинг деј.
На денот за подароци, односно на 26-ти декември, фудбал во сите англиски лиги се игра повеќе од 120 години. Има многу верзии зошто Англичаните го слават Боксинг деј и како почнала приказната, но една е верзијата за фудбалското лудило што владее на Островот во овој период од Божиќ до Нова година.
„Искрено, не е нормално да играте три меча за 6-7 дена, но кога разговарате со Англичаните, сè ќе ви стане јасно. Боксинг деј е празник за сите, но и речиси сите без исклучок ќе ви кажат дека најголем подарок им е фудбалот. Лудилото почнува со таканаречениот ‘Крисмас Ив’, па продолжува со фудбал на Боксинг деј и повторно со две кола пред и по Нова година. Навивачите утре ќе се забавуваат, ќе слават или ќе тагуваат, но во специјална атмосфера што ја има само во Велика Британија. Ќе продолжат да пијат пиво по баровите, кој од среќа, кој од тага за победа или пораз на својот омилен тим“, ја продолжи приказната Христов, додавајќи уште еден интересен момент.
„Се сеќавам дека по мечот со Болтон, добивме една кутија со подарок за Боксинг деј. Кога отворив, се изненадив, покрај неколку подароци, имаше и мисирка. Ми беше невообичаено, а моите соиграчи се радуваа како мали деца. Е, така навивачите се радуваат на фудбалскиот ден на 26-ти декември. Фудбалот им е дар, слично како на мали деца кога ќе добијат подарок што го сонувале. На нас странците ни беше чудна еуфоријата, но јас успеав да се вклопам во целото лудило. Играв три години во Англија и многу го почитувам нивниот стил на однесување, на живот и особено начинот на кој го ценат и сакаат фудбалот. Утре ќе уживам и јас со нив“, завршува Христов.
Со пријателите од Барнсли сè уште одржува добри односи, а беше во посета во мај годинава на дуелот со Дерби каунти. Во некоја следна прилика вели дека планира да патува за Англија, на Боксинг деј, но овојпат во поинаква улога, на трибините за да ја почуствува радоста со навивачите за големиот фудбалски празник на Островот.