Македонската одбојкарска репрезентација утре во СЦ „Борис Трајковски“ против против Данска ќе го одигра првиот меч на Европското првенство. Ова ќе биде трето континентално натпреварување за Македонија, а целта е да се пласираме во осминафиналето. Во секоја група има вкупно шест селекции, а најдобрите четири одат во следната фаза. Капитенот Никола Ѓорѓиев ги анализираше ривалите и верува дека може да се направи успех.
„Влегуваме максимално подготвени за ова Европско првенство бидејќи одигравме дури 16 натпревари. Групата е многу тешка. Прв фаворит е Полска, а потоа следуваат Холандија и Чешка. Данска и Црна Гора се на наше ниво. Утре е голем ден, мора да влеземе малку позрело за разлика од претходните две Европски првенства, каде што првиот меч беше „живот или смрт“, а подоцна, кога го загубивме натпреварот, веќе на следниот не можевме да се препознаеме. Се надевам дека ќе бидеме доста мудри, патметни и ќе имаме трпение, заедно со цела Македонија ќе успееме да се радуваме на убава победа. Ќе дадеме сè од себе, живееме за ова. Се надевам дека утре ќе успееме да ве израдуваме“, вели капитенот на Македонија, Никола Ѓорѓиев.