Најважниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2026 машката сениорска репрезентација на Македонија го игра денеска, во 19 часот, во Атина против Грција, во дуел кој може да го најави учеството на тимот на четвртиот континентален собир во низа.
Движечката сила на националниот тим, капитенот Никола Ѓоргиев, смета дека репрезентацијата е подготвена, дека противникот е добро анализиран и дека сè е во наши раце и потребно е најдоброто да се прикаже на теренот. Дополнителна поддршка даваат и резултатите во другите групи кои ни одат во прилог во „трката“ да се биде меѓу петте најдобри второпласирани екипи кои обезбедуваат билет за ЕвроВолеј2025.
„Резултатите од другите групи засега одат во наша полза, но јас би сакал ние да го направиме своето и воопшто да не зависиме од тие резултати. Дуелот со Грција ќе биде ‘да се биде или не’, влегуваме со таков менталитет, но и на овој меч имаме право на грешка. Мора да влеземе максимално силни и мотивирани, со голема самодоверба во нас. Теренот ќе биде жежок, но тогаш ние играме најдобро и се надевам дека ќе успееме да го земеме она што е наше, она што ни треба и подоцна да направиме еден спектакл со Грузија во Скопје и со победа да го чекираме Европското првенство“, вели Ѓоргиев.
Македонија во последниве три години има одиграно три натпревари со Грција и има три порази. Тоа не ги обесхрабрува одбојкарите, кои најавуваат дека одлично го познаваат противникот и ќе се обидат тактички да го надмудрат.
„Го анализиравме противникот, играме три натпревари во низа со нив и интересно е дека коректорот на ПАОК, Мукљас, е над 70 отсто реализација на тие дуели и не успеваме да го сопреме и игра натпревари на сезоната против нас. Се појави и еден млад примач Хандринос, Раптис, кој е ѕвезда, успеваме да го затвориме, но едно младо момче кое е негова замена сега ни прави проблеми. Имаме решение и за средните блокери, како и за Протопсалтис, уште една ѕвезда од Панатинаикос, кој на последниот дуел со нас имаше 5/25 поени. Коректорот ни ги создава најголемите проблеми, го следиме со селекторот и во текот на сезоната игра ‘топло-ладно’, но против Македонија игра секогаш ‘топло’. Прва задача е да го сопреме него, а потоа и четворката – примачот – и доколку за нив најдеме одговор, ќе биде многу полесно. Феноменално ги одработивме подготовките, има голем напредок во тимот, дишеме како едно и сите влечат и заедно одиме напред и затоа сум ентузијаст и верувам. Работевме многу на недостатоците кои ги воочивме на ‘Чајка’ турнирот, одлично трениравме овие денови и мислам дека тие недостатоци ќе бидат коригирани во Атина. Јасно е дека Грција е фаворит, играат добро, имаат поголем ростер, иако не знаеме точно кои играчи ќе играат кои не, со оглед на тоа дека излегоа против Грузија со поинаква постава, но верувам дека ќе бидеме подготвени на сè и со позитивен исход ќе се вратиме во Скопје“, заклучува капитенот.
Натпреварот меѓу Грција и Македонија се игра вечерва, во 19 часот по македонско време, во салата „Мелина Меркури Рентис“ во Атина. Дуелот ќе има директен ТВ-пренос на Арена Спорт 3.