Ѓоргоноски предвидува: Коцките одлично се наместија, треба да веруваме во успех на оваа репрезентација

Додека го носеше репрезентативниот дрес, Горан Ѓоргоноски беше познат како голем борец на секој дел од теренот. Кога ја заврши играчката кариера, популарниот Ѓоргон остана со ракометот и будно ги следи сите новости во најуспешниот спорт во Македонија.

Во пресрет на Светското првенство во Египет, Ѓоргоноски го запрашавме за негово видување пред стартот на можеби најчудниот светски ракометен собир. Некогашниот пикер на Металург и на националниот тим е оптимист дека Македонија може да ја искористи дадената шанса, иако воопшто немаше време да се подготви за ваков турнирски систем на натпреварување.

„Ситуацијата во која се најде нашата репрезентација, каде што до последен момент немавме информација дали ќе патуваме и ќе партиципираме на СП, може да биде и добро и лошо за нас. На овие простори, каде што спортот и учеството на големо натпреварување секогаш е пратено со голем набој и големи очекувања, знае уште во подготвителен период да создаде тензија во тимот или кај поедници. Што се однесува до „скенирање“ на противниците и краткиот период за подготовка на нашата ререзентација, искрено не верувам дека стручниот штаб не се подготвил за оваа варијанта за учество во Египет. Од друга страна, нормално е да има и последици во однос на подготовката на самите играчи од страна на стручниот штаб, имајќи го предвид краткиот период, кој практично и да не постои“, објаснува Ѓоргоноски.

НЕ СМЕЕМЕ ДА СЕ РАЗОЧАРАМЕ АКО ЗАГУБИМЕ ОД ШВЕДСКА, ЧИЛЕ Е НАЈСЛАБ ВО ГРУПАТА

Македонија ќе биде во група со Шведска, Египет, Чиле. Против сите три противници сме играле, но факт е дека Шведска и Египет не сме ги победиле, додека со Чиле имаме пет триумфи од пет меча. Токму против Чиле игравме двапати во последните 10 дена и ги победивме. Според некогашниот пикер, групата која ја добивме е добра и имаме шанси да се надигруваме.

„Мора да бидеме реални дека покрај тоа што ни се отвори простор за учество на СП, имаме група по мерка и можеме да бидеме задоволни, иако секогаш е непријатно да се биде во група со домаќинот, кој во принцип има високи амбиции. Шведска е фаворит, без разлика на тоа во кој состав ќе настапи на ова Светско првенство, затоа е добро што на стартот играме со нив. Технички до перфекција се подготвени, играат многу брз ракомет и играат, според мене, школски дотерана 6-0 зона како главни карактеристики. Против Египет со добро познат лик на клупата, стратег кој добро го познава нашиот тим и со амбиции по многу години да влезе во конкуренција за поделба на медалите, ќе биде исклучително тешко да се игра. Нивни карактеристики се брзата игра и цврстина во играта, што може да биде проблем за нашата селекција, додека тактички Македонија може да се носи со „фараоните“.

„Чиле, од она што можевме да го видиме, е на пониско рамниште од нас и имајќи предвид дека го следев вториот натпревар во Скопје, каде што не настапи капитенот Лазаров, треба да ги победиме. Имаат шпански селектор, Матео Гаралда, кој е жива легенда на раометот, сигурно дека во периодот кој поминал имплементирал дел од во моментов најдобрата светска школа за ракомет и во секој случај мора да бидеме на ниво за да победиме. Тоа ќе нѐ однесе во посакуваната втора рунда. Не смееме да се насочуваме дека Шведска е нашата шанса и да потоа се разочараме. Повторно кажувам, ќе го видиме составот и тоа како ќе функционираат Швеѓаните, каде недостасуваат многу играчи. Но, што и да се случи по првиот дуел, нашите шанси остануваат“, анализира некогашниот репрезентативец.

СО ИСКЛУЧОК НА КРИЛНИТЕ ИГРАЧИ, ОВА Е НАШАТА НАЈДОБРА СЕЛЕКЦИЈА

Речиси и да нема репрезентација која ќе биде комплетна, па и нашата е видно подмладена во однос на претходните големи натпреварувања. Имаме ли играчи кои може да ги заменат и наследат оние кои со години носеа радост на репрезентативно поле?

За целата оваа ситуација, Ѓоргоноски вели: „Како и целата 2020 година на спортски план, воопшто и овој Мундијал ќе биде во најмала рака непредвидлив и во некоја мера нерегуларен од аспект што многу селекции не може да сметаат на најдобрите состави. Големите спортски федерации покажаа дека за нив, пред сè, важно е да се одржи настанот, без разлика на квалитетот и последиците од одржувањето на самиот настан, и притоа грижејќи се за да се испочитуваат спонзорските договори кои ги има самата федерација.

Во принцип, Македонија е една од селекциите која има најмали проблеми со играчки кадар и овој состав кој замина во Египет е горе-долу и најдобриот, со исклучок на крилните играчи. Останува нејасно зошто ги нема во состав Манасков, Георгиевски или Ристовски, но ако е тоа одлука на самите играчи или селекторот, мора да почитуваме и да продолжиме понатаму. И по многу години, во многу нашата игра ќе зависи од играта на Лазаров и Стоилов, нив ги имаме тука и во нападот не би требало да се почуствува некоја голема празнина. Можеби ќе ни недостасува ширина, во случај на лоша реализација од крилни позиции, што може да се покаже на некои натпревари со посилни противници и клучно.

Во одбраната очекувам повеќе проблеми, каде што недостасува „габарит“ и искуство, а многу добро знаеме дека одбраната го добива натпреварот и дава можност за „лесни“ голови, кои и тоа како ќе ни бидат потребни. Очекувам Кузмановски да го искористи присуството на Лазаров, да добие повеќе шанса да игра со среден бек разигрувач, а не во пар со Талески и на тој начин да го даде максималниот ефект. На пивотменска позиција сме комплетни со двајца играчи кои играат на високо ниво, но освен од Лазаров, ќе видиме дали ќе добиваат квалитетни топки за реализација.

АКО ВЛЕЗЕМЕ ВО ВТОРАТА ФАЗА, И ТАМУ НЕМА ДА БИДЕМЕ БЕЗ ШАНСИ

Реално, Македонија треба да ја помина првата група и да се пласира во главната фаза. Таму вкрстуваме со групата каде што се: Русија, Белорусија, Словенија и Јужна Кореја. Кој е реално крајниот дострел на Македонија на овој шампионат?

„Втората фаза е реалност, а таму имаме повторно селекции со кои може да играме. Во минатото имаме примери во други спортови каде што „резервисти“ оделе далеку на големи натпреварувања, па и освојувале медали, па можам да кажам дека имам убаво чувство дека овие момци ќе нѐ израдуваат. Искуство ќе недоставсува, но сигурно не треба да недостасува мотивација кај голем дел од нив, да покажат што знаат, да се етаблираат и да ја подигнат својата цена на ракометниот пазар“, оптимист е Ѓоргоноски, кој како фаворити за највисок пласман ги издвојува Хрватите, а шанса им дава и на Шпанија и Норвешка.

„МИРИСА“ ДЕКА ЛИНО ЧЕРВАР МОЖЕ ДА ГИ ОДВЕДЕ КОЦКЕСТИТЕ ДО ЗЛАТО

Сепак, кога се работи за златниот медал, Горан очекува тој да заврши на градите на некогашниот негов тренер Лино Червар, со кого работеше во Металург.

„Мои фаворити се Хрватите, иако и Шпанија и Норвешка можеме да очекуваме да одат до самиот крај. Имам чувство дека сè се подредува Лино Червар и „коцкестите“ во Египет да играат финале и да освојат злато. Немаат некои големи проблеми со составот, слично како и„фуријата“ и, според мене, ако не се сретнат претходно, тоа ќе биде финале на СП во Египет“, заврши во својата анализа некогашниот македонски репрезентативец Горан Ѓоргоноски.

 

- Оглас -

Најнови вести