Гостите доминираа во НБА, Богдановиќ збесна и му се пушти на тренерот (Видео)

Кошаркарите на Атланта го победија Чикаго на гостински терен со 113:101 во меч кој го одбележа кавгата меѓу Богдан Богдановиќ и тренерот Квин Снајдер. Богдановиќ беше одличен на теренот и постигна 20 поени речиси со совршен шут (6/7 за два поени, 2/2 за три поени и 6/6 за еден поен), но кога мечот беше решен, на помалку од две минути се случи инцидентот.

Српскиот кошаркар беше на клупата за резерви кога бесно стана и буквално со дерење му се внесе во лице на тренерот Снајдер. По мечот, двајцата демантираа дека се скарани.

„Нашите вербални расправии се на секои две минути. Практично, постојано се случуваат и тоа е нормално“, рече Богдановиќ, а тренерот Снајдер кратко искоментира: „Боги беше сјаен. Тој и јас одлично се разбираме“.

Ноќешните мечеви во НБА ги одбележа и одличната игра на Букер, кој постигна 52 поени во победата на Феникс против Њу Орлеанс на гости од 124:111. Најдобриот тим во лигата, Бостон, победи кај Шарлот со 118:104, а во најнеизвесниот меч, Мемфис со 110:108 славеше кај Детроит, иако домаќините имаа седум поени предност во последната четвртина.

Честа на домашниот терен ја одбранија само две екипи. Индијана со 133:111 го победи Бруклин, а Орландо се спаси против Портланд и славеше со 104:103.

- Оглас -

Најнови вести