Гостивар ја запиша 10-тата победа во Првата лига на Македонија, откако на домашен терен славеше против Блокотехна со конечни 98:86. Кошаркарите на Марјан Србиновски остварија двојна победа против тимот од Гевгелија, откако претходо триумфираа и на гостувањето во „Негорски бањи“ со убедливи 64:84.
Гостите ја имаа контролата врз топката во првиот дел, но само за нијанса беа подобри од Гостивар, кој додаде гас во стартот на третата четвртина и го свртеа резултатот во своја корист. Домашниот состав со одлична серија од 14-3 и неколку тројки во низа успеа да стигне до првата посериозна предност со +13, а тие моменти се покажаа како одлучувачки во овој дуел.
Најрасположен играч на домаќините беше Фурстингер со 23 поени, Сегариќ оствари двоен учинок од 19 поени и 11 асистенции. На Блокотехна не му помогнаа ниту 27-те поени на искусниот Мијатовиќ, а Глигоријевиќ се истакна како втор најефикасен од редовите на поразените со 19 поени.