Гостивар ќе биде домаќин на Вардар во рамките од петото коло на Прва фудбалска лига на Македонија, а мечот предизвика многу внимание и тоа неколку дена пред да започне.
Гостивар како домаќин реши оваа средба да се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Истиот стадион во последните две години беше „дом“ на Вардар, па гостиварци „од страв“ дека иако домаќини, ќе бидат како гости на овој меч, решија мечот да се игра без присуство на публика.
И така додека секаде во светот фудбалот се игра за публика, кај нас од Гостивар сами решија да ги затворат влезовите на стадионот без бидат казнети. Едноставно челниците на Гостивар решија да ги казнат сите љубители на фудбалот кои сакаа во живо да го проследат овој дуел.
По одлуката на Гостивар, со своја реакција се јавија и најверните навивачи на Вардар, популарните „Комити“. На официјалната ФБ страница, „Комитите“ испратија соопштение во кое наведуваат дека тие ќе тргнат кон стадионот, со една цел, да му дадат поддршка на Вардар.