Кошаркарите на Гостивар остварија голема победа над шампионот МЗТ Скопје Аеродром со 79:80 во последниот натпревар од второто коло во македонската прва лига. Гостиварци до победата дојдоа благодарение на поените на Маслинко на 22 секунди пред крајот на мечот. Металците го имаа последниот напад, но погрешија и Гостивар ја запиша втората победа во првата лига откако во првото коло го совладаа Пелистер.
Кошаркарите на МЗТ Скопје кои сезонава сè уште чекаат на победа пред домашните гледачи, откако загубија од Партизан во АБА лигата, беа подобар тим во првата четвртина која ја добија со 17:16, но вторите 10 минути поминаа во знакот на гостите, влегоа во одличен шутерски ритам и на одмор заминаа со двоцифрена предност, 37:49.
Гостиварци ја одржуваа предноста и во третата четвртина, а шампионот се врати во игра во последните 10 минути и со поените на Кафи поведоа со 71:70. Потоа следеше неизвесна завршница, а Миќовиќ реализира два напади по ред и му носи на МЗТ Скопје водство од 77:75.
Пипкинс со тројка го враќа Гостивар во водство, по што погоди Војдан Стојановски за 79:78. Во следниот напад, Маслинко ги постигна клучните поени за триумф на Гостивар бидејќи МЗТ Скопје преку Кафи не го реализира последниот напад за триумф.