Манчестер јунајтед се надева дека конечно првпат сезонава ќе се радува на гостински терен и тоа во Белград против Партизан, во меч од третото коло во Лигата на Европа. Белград и стадионот на ул. „Хумска 1“ имаат посебно значење во историјата на англискиот гигант.
Популарниот „Стадион на ЈНА“ беше местото каде што пред 61година за последен пат играа популарните Бебиња на Бизби. Тоа е тимот на Манчестер јунајтед под водство на Мет Бизби, кој во 1958 година играше против Црвена ѕвезда во тогашниот европски Куп на шампионите. Мечот заврши 3:3, a Манчестер се пласираше во полуфиналето на ЛШ. Сепак, на враќање од Белград кон Манчестер, авионот кој застана во Минхен да дополни гориво се урна при полетувањето и загинаа голем дел од таа легендарна генерација. Дуелот на „ЈНА“ беше и последен за тогашните прославени Бебиња на Бизби.
„По доаѓањето во Белград, Солскјер веднаш замина на стадионот на Партизан, местото кое засекогаш ќе биде во историјата на Манчестер јунајтед. На тој стадион Бебињата на Бизби го одиграа последниот меч заедно пред трагедијата која се случи во Минхен. Сите во Манчестер се свесни колку е значајно нивното враќање на стадионот на ’Хумска 1’ во Белград“, стои на официјалниот сајт на Манчестер јунајтед.
Сега Ѕвезда нема да биде ривалот туку Партизан, но целта е иста, а тоа е англискиот тим да се радува по завршување на дуелот.