Се ближи разделбата помеѓу Јоаким Лев и германската репрезентација, а селекторот кој е предводник на „Елфот“ од 2006 година, е во опасност да добие отказ.
На 4 декември ќе се одлучува за неговата судбина, а тогаш челниците на Германската фудбалска федерација ќе имаат состанок со селекторот со само со една точка на дневен ред, дали Лев ќе добие отказ или ќе продолжи да кормилари со националниот состав на четирикратниот светски првак.
„Сакаме да ја анализираме ситуацијата, особено по катастрофалниот пораз од Шпанија со 0:6. Му оставивме доста време на селекторот Јоаким Лев за да го објасни трендот на репрезентацијата во последните две години и да понуди аргументи и план за во иднина“, објавија од ДФБ.
Лев е селектор на Германија од 2006 година, откако претходно две години беше помошник-тренер на Јирген Клинсман во националниот состав.
Со Германија ја освои мундијалската титула во 2014 година, а сè уште се памети победата од 7:1 против домаќинот Бразил на патот до светската круна.
Со Лев на кормилото, Германците победија на Купот на конфедерации во 2017 година, а беа трети на СП 2010 и сребрени на ЕП 2008.