Пред малку повеќе од една деценија, Аталанта беше клуб кој се натпреваруваше во Серија Б во Италија. Тогаш семејството Перкаси го купи клубот од Бергамо и со одлично работење не само што експресно го однесе во Серија А, туку Аталанта веќе неколку години има екипа која се бори за највисок пласман.
Аталанта стана клуб кој почна редовно да игра во Лигата на шампионите и другите европски натпреварувања, продаде неколку фудбалери за суми над 20 милиони евра и покажа како може одлично да се работи и без преголеми финансиски вложувања. Едноставно, Аталанта беше клубот кој им пркосеше на моќните и богатите.
Сепак, парите се најмоќното оружје, па и Аталанта не можеше да одолее. Група американски инвеститори купија 55 отсто од акциите на клубот и сега тие се доминантен сопственик. На семејството Перкаси им останаа 45 отсто од акциите.
„Аталанта и Целтиси делат исти вредности. Наша задача е да ги зголемиме приходите, но и да станеме кандидат за титулите како во Италија така и во Европа. Фондот има моќ да ја поддржи таквата амбиција“, рече Стивен Паљука, кој е на чело на инвеститорите од САД, а и еден од косопствениците на НБА-тимот Бостон селтикс.
Аталанта само пред 12 години беше купена за 12 милиони евра, а сега вредноста на клубот се проценува помеѓу 400 и 500 милиони евра. Моментно Аталанта е на петтото место во Серија А со 44 бодови.