Килијан Мбапе по завршувањето на сезонава, ќе го напушти Пари Сен Жермен. Според француски и шпански медиуми, а тоа го тврди и новинарот Фабрицио Романо, кој важи за експерт за трансфери и одлично е информиран, најдобриот француски фудбалер го известил претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, за својата одлука.
Како што беше договорено, Мбапе прво ќе му го каже ова на Ал-Келаифи за навреме да ја подготват јавноста за официјално да ја потврдат веста и клубот да планира што ќе прави следната сезона без својот лидер и прв стрелец.
Реал Мадрид е голем фаворит за потписот на Мбапе. Шпанскиот клуб не сакаше да му плати отштета на ПСЖ, ја дочека својата шанса бесплатно да го земе напаѓачот, на Мбапе летово му истекува договорот.
Реал му нуди на Мбапе плата помала од сегашната која ја зема во ПСЖ, но желба му е да игра за Реал, каде што во моментов играат неколку негови пријатели и чудо би било ако Мбапе летово не потпише за Кралскиот клуб, туку за некој друг. Веќе се шпекулира и дека Мбапе во Реал ќе го носи дресот со бројот 10, а Лука Модриќ, кој сега ја има десетката, ќе си замине во друг клуб или ќе ја заврши кариерата.