Поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Гоце Георгиевски, уште една сезона ќе го носи дресот на најтрофејниот клуб кај нас, Вардар. Десното крило останува да помогне со своите игри за „црвено-црните“, но и да помогне во создавањето на нови ракометари на оваа позиција.
„Знаеме колку значи искуството што го има во себе Гоце, и среќни сме што прифати да биде уште една сезона дел од Вардар. Неговото искуство ќе биде од големо значење за играчите кои доаѓаат на сцената, и кои се повеќе се наметнуваат. Тој е расположен, освен што ќе игра, и да го пренесе своето искуство на помладите колеги. Вардар е веќе стабилизиран, сериозен, и нашите амбции секогаш се победа, и титули. Гоце е се уште гладен за победување, исто како и Вардар и заедно ќе чекориме кон нови победи.“ – вели извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски.
Вардар се уште е во игра за титулите од првенството и Купот на Македонија, а од раководството работат на задржување на играчите од оваа сезона, но и на нови засилувања кои треба да го кренат нивото на клубот за следната сезона.