Српските ватерполисти освоија златен медал на Олимписките игри во Париз. Дел од таа селекција е и 30-годишниот Душан Мандиќ, кој по синоќешниот прием во Собранието стана уште поголем херој за српската јавност. Тој одби да му подаде рака на градоначалникот Александар Шапиќ.
Александар Шапиќ е апсолутна легенда на српското и на европското ватерполо. Станува збор за човек кој е еден од најголемите ватерполисти на сите времиња и кој зад себе има врвни резултати. Сепак, со влезот во политиката, 46-годишниот Шапиќ загуби многу пријатели. Сега покрај него поминуваат без да се ракуваат со него, а причини, според српските медиуми, за тоа има многу.
Шапиќ собрал храброст на приемот на српските ватерполисти да му ја подаде раката на Душан Мандиќ, човекот кому се обидел да му ја уништи кариерата. Мандиќ токму затоа го игнорираше ладнокрвно.
Odličan Mandić pic.twitter.com/jo1RGsDrHq
— pfc (@partizanfoto) August 12, 2024
Еден од најдобрите српски ватерполисти беше отстранет од клубот на Шапиќ, Нов Белград. Објаснувањето беше дека не е на доволно квалитетно ниво за да игра, но зад сето тоа стоеше токму Шапиќ.
Мандиќ, како капитен, беше во шок, па потоа се огласи и рече дека е разочаран од сè што се случувало.
„Мојот некогашен пријател Живко Гоциќ пред целиот тим ми соопшти дека веќе не сум дел од тимот и дека не ми е дозволено да тренирам. Конкретна причина за такво нешто немаше. Се залагав на тренинзите, на натпреварите, и никој немаше ниту една замерка на мојот ангажман. Бев затекнат и изненаден од односот на клубот кон мене,“ рече тогаш Мандиќ, кој истакна дека „тимот на Шапиќ му ги укинал основните човекови права“.
Мандиќ замина од Нов Белград по сите случувања и стана член на Ференцварош. Со Шапиќ повеќе не е пријател, а доказ за тоа е и синоќешниот прием.
Шапиќ се обиде да му подаде рака на Мандиќ, но тој целосно го игнорираше и помина покрај него само со остар поглед.
За многумина, потегот на српскиот репрезентативец е херојски. Според многумина, откако е на власт, Шапиќ едноставно го загубил достоинството.
Мандиќ го освои третото злато по ред со српската ватерполо репрезентација во Париз, а има и бронза од 2012 година.
Душан Мандиќ беше најдобар играч на олимпискиот турнир, а во кариерата настапувал и за Про Реџо, Партизан и за Приморац од Котор.