Фудбалска музика во градот на Битлси – Конечно има се за вистинско Мерсисајд дерби

Мерсисајд дерби ќе се игра денеска попладне од 13.30 часот во Ливерпул по 235-ти пат во сите конкуренции, а меракот  ќе им припадне на навивачите на Ливерпул и на Евертон.

И конечно по долг период од цели 10 години и по неверојатна низа од 22 меча без победа против Ливерпул на успех со големи адути во големото градско дерби се надеваат навивачите на Евертон.

Популарните Карамели драстично го сменија фудбалскиот опис, прво со доаѓањето на Дон Карло Анчелоти на клупата, а потоа и со неколку екстра засилувања, пред се со ангажманот на Хамес Родригес, Алан и Дукуре.

ДЕРБИ ШТО СЕ ОЧЕКУВА СО НЕТРПЕНИЕ – ЛИДЕРОТ ИГРА ПРОТИВ ШАМПИОНОТ

Како лидери во Премиерлигата и со многу надеж Евертон го очекува градското дерби со шампионот Ливерпул, познато во светот на фудбалот како Мерсисајд дерби.

Ливерпул секако ќе се потпре на препознатливиот квалитет што ги донесе до 19-та титула во Англија, прва откако се игра Премиерлигата и прва по пауза од речиси три децении. Салах, Мане, Фирмино, Робертсон, Александер Арнолд се се уште меѓу главните ѕвезди во Англија, а тимот се засили и со Алкантара и со Жота, доволно за да биде уште посилен и повторно кандидат од првата стартна позиција за титулата во Премиерлигата.

Иако традицијата не игра на терен, Ливерпул зад себе има моќен аргумент. Избраниците на Јирген Клоп ја имаат и најдолгата серија без пораз што се уште е актуелна во над столетната традиција на дуелите со Евертон. Последниот неуспех им е точно пред 10 години, кога на 17. октомври загубија на „Гудисон парк“ со 2:0 од домаќинот.

Мерсисајд дербито е едно од најмирните градски фудбалски пресметки на планетата, обично препознатливи по голема нетрпеливост, но не и во овој случај, иако здрав ривалитет секако има.

Многу ретко се случувало низ историјата да има препукување меѓу двете страни, иако на терен секогаш е жестоко.

Со вкупно 28 титули во англиското првенство тоа е најтрофејниот тандем екипи од ист град, а почетоците се многу интересни.

Евертон e постар клуб од Ливерпул, Карамелите се формирани во 1878 година и како за почеток, играле на славниот „Енфилд роуд“, кој бил нивниот оригинален терен и домашен стадион.

Кавгата меѓу сопственикот Џон Холдинг и раководството на Евертон, од политички причини, доведе до преселба на „Гудисон парк“ стадион на кој денеска сините ќе им бидат домаќини на црвените.

Холдинг останал сопственик на „Енфилд“ и го формирал Ливерпул во 1892 година и се потоа е историја за градот. Се роди Мерсисајд дербито, едно од најзначајните и во Европа, а според долготрајноста и значењето, секако, најголемото во Англија.

РИВАЛСТВО СО НАД ЕДНОВЕКОВНА ТРАДИЦИЈА

Првиот меѓусебен дуел Евертон и Ливерпул го одиграле на 13 октомври во 1894 година и мечот завршил со победа на популарните тимот со клупски симболи во сина боја со 3:0. За да има некаков баланс, Ливерпул ја има највисоката победа во меѓусебните дуели, а датира од 1935 година, кога славеше со 6:0 против големиот градски ривал.

Интересно е што и сега двата дома на екипите, „Енфилд роуд“, храмот на актуелниот англиски првак Ливерпул и „Гудисон парк“ на Евертон се оддалечени само околу 500 метри и ги дели Стенли паркот во Ливерпул.

Навивачите на Евертон и Ливерпул честопати во минатото навиваа заедно, иако имаше и повремени несогласувања. Од формирањето на Премиер лигата, дуелите меѓу Евертон и Ливерпул се со најмногу црвени картони, но тоа се прикажува како дел од големиот ривалитет што постои меѓу двата клуба, никако како некаква најава за големо непријателство.

Ливерпул е многу поуспешен по бројот на титули и во меѓусебниот скор од Евертон. Црвените од „Енфилд роуд“ се 19-кратни англиски шампиони и имаат нешто повеќе од двојно титули од Евертон. Ливерпул е многу потрофеен и во еврокуповите, со 6 пехари од Лигата на шампионите и три во УЕФА купот, но Евертон ја има едната и единствена што ја нема ривалот во својата колекција.

Карамелите се победници на некогашниот Куп на победниците на куповите во сезоната 1984/85, па сè заедно во градот Ливерпул колекцијата е преполна и ги има сите можни трофеи во Англија и во Европа што ги освојувале ривалите од Мерсисајд дербито.

Вечерва на ред е пресметката со реден број 235, а досега билансот во сите конкуренции е 93 победи на Ливерпул, 66 на Евертон со 75 нерешени исходи.

 

- Оглас -

Најнови вести