Реалната можност екипата на Наполи уште в недела да ја освои шампионската титула во италијанската Серија А придонесе локалните власти во Неапол да побараат мечот Наполи – Салернитана да не се игра в сабота попладне, туку еден ден подоцна, в недела од 12.30 часот, кога ќе почне и средбата Интер – Лацио.
За титула на Наполи му треба победа над Салернитана и Лацио да не победи во Милано против Интер.
Официјалното барање за преместување на терминот од сабота за недела, го поднесе претседателот на комисијата за инфраструктура, мобилност и цивилна заштита на град Неапол, Гаетано Симеоне.
Локалните власти во Неапол се загрижени за безбедноста и можниот инфраструктурен хаос за време на викендот бидејќи стотици илјади навивачи ќе излезат на улици да слават, а и метро-станиците ќе бидат преполни ако и официјално Наполи стане првак.