Манчестер сити иако се сметаше за фаворит на хартија во пресрет на дуелот против Реал Мадрид, на изненадувачки начин успеа да ја запише победата на „Сантијаго Бернабеу“. Граѓаните се најдоа во негатива по еден час игра, но од 78-мата до 83-тата минута на сцена настапи Кевин де Бројне и го изрежира пресвртот за конечни 2-1.
Белгиецот прво му асистираше на Жесус, а потоа ја презеде одговорноста како капитен и изведе пенал со кој го постави конечниот резултат. На тој начин, англискиот првак го обели образот на претставниците од Премиер лигата.
Само Сити успеа да постигне гол, односно два во овој случај, во првите осминафинални натпревари во Лигата на шампионите. Ливерпул загуби на гости кај Атлетико со 1-0, Тотенхем со идентичен резултат потфрли на домашен терен против Лајпциг, додека вчера Челзи претрпе дебакл од Баерн Минхен со убедливи 0-3 на „Стемфорд бриџ“.
Воедно, Манчестер сити е првиот англиски тим кој успеа да победи во домот на Кралевите во изминативе 11 години. Последен англиски клуб кој славеше на „Сантијаго Бернабеу“ е Ливерпул во сезоната 2008/09, а само уште Арсенал во сезоната 2005/06 се радуваше во шпанската престолнина.