Чешката тенисерка Петра Квитова која двапати триумфира на најпрестижниот турнир, Вимблдон, во првиот ден од 2024 година ја објави најубавата вест, дека е бремена и дека кариерата ја става во мирување.
„На овој прв ден во 2024 година сакам да ви посакам среќна нова година и да споделам радосна вест: Ова лето Јиржи и јас ќе му посакаме добредојде на бебе во нашето семејство“, објави Квитова на својот профил на Инстаграм.
Квитова која моментно се наоѓа на 17-то место на ВТА ранг-листата, мината година се омажи за нејзиниот тренер Јиржи Ванек.
„Иако ќе го пропуштам годишното патување во Австралија и да се натпреварувам во спортот кој го сакам, се радувам што времето ќе го поминувам во домот и ќе се подготвувам за новото поглавје во нашите животи“, објави Квитова.
Петра Квитова во 2011 и 2014 година триумфира на Вимблдон, а во кариерата освои 31 титула.