Доколку си поднесам оставка, репрезентацијата на Италија ќе стане светски шампион? Ова беше одговорот на Габриеле Гравина на прашањето дали ќе го напушти кормилото на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) доколку Аѕурите го пропуштат и Мундијалот во 2026 година откако не играа ниту во 2018 ниту во 2022.
Италија во март треба да победи во баражите со Северна Ирска дома и потоа на гости со Велс или Босна и Херцеговина ако сака да игра на СП.
Гравина планира да остане на чело на ФИГЦ и како нов проект најавува во младинските категории да се стави приоритет на техниката пред тактиката.
„На сите што велат да си најдам друга работа, им порачувам: ако си заминам, фудбалот ќе се рестартира? Италија ќе го освои светското првенство? Ако се случи тоа, веднаш ќе се повлечам. Песимизмот е трошење енергија, не помага, треба сите да ги засукаме ракавите и посветено да работиме. Клубовите од Серија А ненамерно се непријатели на репрезентацијата. Тие си го гледаат својот интерес. Во Серија А има само 97-мина италијански фудбалери, што е 25 проценти, вкупно 97-мина играчи во 20 клуба, знаете што значи тоа?“, изјави Гравина, кој смета дека е невозможно да се донесе правило за минимален број домашни играчи во клубовите, но може да се интервенира околу ограничувањето на бројот на играчи од земји кои не се од Европската Унија, кое веќе постои.
„Треба да направиме инвестиции во младинските категории и инфраструктрата. Бевме европски опрваци во У-17 и У-19, а У-20 беа финалисти на Светско првенство. Ќе почнеме проект со активности за играчи од 5 до 13 години, не сакаме да се фокусираме само на методите поврзани со тактиката. Фокусот ќе ни биде на повеќе техника, помалку тактика. Ни треба слобода во креативноста, на децата им е здодевно да бидат заглавени во тактичките шеми на тренерите“, вели Гравина.

