Грчевски: Ракометарките го исполнија договореното, се надевам на добра ждрепка на ЕП

Женската ракометна репрезетација на Македонија по седми пат ќе игра на Европските првенства откако денеска со убедливи 22:37 го совлада Азербејџан и го завери второто место во групата.

По победата на Шпанија, ракометарките и математички го обезбедија пласманот на ЕП бидејќи во пресрет на последното коло во кое ќе играат против Литванија, имаат четири бода повеќе од конкурентот.

Селекторот Кристијан Грчевски е презадоволен од прикажаната игра против Азербејџан и пласманот на ЕП.

„Многу важна победа за нас, со неа заверивме пласман на Европското првенство. Отворивме добро, имавме мал пад, но го пребродивме, сепак бевме под притисок. Девојките одиграа како што треба, тоа што се договоривме го исполнија.

Им честитам на ракометарките за играта и за борбеноста, сериозно го сфатија мечот против Азербејџан, иако како противник е послаб, сите знаеме што значи ако некого потцениш.

Се подрудивме сите во составот да добијат минутажа, а истовремено да заштедиме сили за Литванија. Иако оваа средба не е важна резултатски од аспект за пласман на Европското првенство, сепак би сакале да извојуваме победа на домашен терен, триумфално и во позитивна атмосфера да го затвориме овој циклус.

Се надевам дека со добра ждрепка на Европското првенство можеме најмалку да ја поминеме групата, па потоа ќе размислуваме за понатаму“.

- Оглас -

Најнови вести