Грег Попович објави дека се повлекува од тренерското место во Сан Антонио спарс, и ќе ја преземе функцијата претседател на овој НБА клуб.
Попович (76) цели 29 години беше на клупата на Мамузите како главен тренер, со нив освои пет шампионски титули (последната во 2014 година), имаше серија од 22 години по ред со учества во плејофот, а со 1.422 победи во дуели од регуларна сезона, тој е рекордер во историјата на најсилната кошаркарска лига на светот.
Како селектор на американската репрезентација, освои златен медал на Олимписките игри во Токио 2021 година.
Стручњакот со потекло од поранешните југословенски простори остави неизбришливи траги во НБА, но доживеа мозочен удар во ноември и беше хоспитализиран во април откако се онесвести додека вечераше во ресторан во Сан Антонио, па реши да стави крај на работата како тренер.
„Иако мојата љубов и страст кон играта остануваат, решив дека е време да се повлечам од функцијата главен тренер“, рече Попович.