Поранешниот тренер на Челзи и Брајтон, Греам Потер, би можело да седне на клупата на репрезентација на Шведска, земјата во којашто го започна својот европски тренерски пат.
Англискиот стратег познат по својата работа во Премиер лигата отворено призна дека би сакал да ја преземе шведската репрезентација, што веднаш предизвика силни реакции во јавноста.
Швеѓаните катастрофално ги започнаа квалификациите за Светското првенство, само со еден бод од четири натпревари, што беше доволна причина селекторот Јон Дал Томасон да добие отказ. Сега се бара нов човек кој би ја преродил селекцијата на Шведска, а едно од најчесто споменуваните имиња е токму Греам Потер.
Англичанецот, кој и денес живее во Шведска, потврди дека е подготвен за разговори:
„Отворен сум за сите опции, особено ако станува збор за проект во кој можам да направам разлика. Во Шведска поминав прекрасни години, таму ми се родија децата и земјата ми е во срцето.“
Греам Потер, кој своевремено го водеше Остерсунд од третата лига до европските натпреварувања, и денес во Шведска се смета за посебна фигура, тренер кој донесе свежина, дисциплина и модерна филозофија во фудбалот. Многумина сè уште го паметат по сензационалната победа над Арсенал во Лигата на Европа, која тогаш изгледаше како чудо.
Шведските медиуми веќе пишуваат дека Греам Потер би бил логичен избор бидејќи ги познава културата, јазикот и менталитетот.

