Страшен меч на „Месталја“ – Гризман даде еврогол, во драматичен финиш го засени талентот на Валенсија (Видео)

Хуго Дуро е јунакот на Валенсија и ги засени сите на дербито против Атлетико Мадрид, со два гола во судиското продолжение и тој е најзаслужен за ремито 3:3 во исклучително восбудлив меч.

Напаѓачот кој има 21 година и влезе во игра во 85. минута при резултат 1:3 за гостите од Мадрид, двапати беше прецизен во последните моменти. Најпрво погоди за 2:3 во 92. минута, а потоа беше прецизен и во 96. минута за голема радост на „Месталја“.

Врвен фудбал игра и Антоан Гризман, откако беше големо разочарување во Барселона, а повторно се врати во препознатлив стил во својот клуб, во Атлетико Мадрид.

Денеска постигна атрактивен гол за Јорганџиите во 58. минута во тој момент за предност на гостите од 2:1. Во стил на Лионел Меси претрча повеќе од половина терен и потоа од 20-на метри ја смести топката во самиот агол од мрежата на домашниот голман Силесен. Холанѓанецот беше немоќен, а Гризман е во топ-форма со 5 гола на последните 7 меча.

По него и Шиме Врсалјко постигна гол за 3:1, но сензационалниот Дуро не дозволи шампионот да победи на „Месталја“.

Претходно Луис Суарес во првото полувреме им донесе предност на гостите од Мадрид, а израмни Стефан Савиќ со автогол во 50. минута.

Интересно е што Гризман, кој е позајмен играч од Барселона во Атлетико денеска го постигна десеттиот гол против Валенсија, а пред него од активните играчи на актуелниот шампион на Шпанија е само Луис Суарес со 14 погодоци во кариерата против Лилјаците.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести