Милвоки бакс победи на гости кај Вашингтон со 117:111, а мечот го одбележа срамниот потег на грчкиот репрезентативец Јанис Адетокумбо на крајот од средбата. Центарот на Милвоки заврши со 23 поени, 13 асистенции и 10 скока, што е негов четврти трипл-дабл сезонава.
Тоа што ќе се памти е начинот на кој Јанис стигна до ова постигнување од трипл-дабл, вкупно 33-то во неговата кариера. Вашингтон го имаше последниот напад, домаќините промашија, а топката заврши во рацете на Адетокумбо. Тоа беше негов деветти скок и беше само на еден од трипл-дабл. Додека сите играчи стоеја, Гркот тргна во напад, дојде до противничкиот кош и намерно само ја удри топката во таблата и ја фати, што се брои како скок, и стигна до трипл-дабл.