Гркот втора сезона по ред е МВП во НБА лигата

Првата ѕвезда на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо повторно ќе ја добие наградата за најкорисен кошаркар во НБА лигата, открива новинарот на ЕСПН, Адријан Војнаворски. Екипата на Милвоки доминираше во регуларниот дел и на крајот заврши со 56 победи и само 17 порази во 73 одиграни средби.

Грчкиот репрезентативец во сезонскиот дел имаше просек од 29,5 поени, 13,6 скока и 5,6 асистенции по меч покажувајќи доминација. Сепак, кога дојде плејофот, Милвоки и Јанис немаа решение за Мајами хит, па беа елиминирани со убедливи 4:1 во полуфиналето на Истокот.

Адетокумбо и претходната сезона го доби МВП признанието, па сега влезе во друштво на Боб Петит, Карл Мелоун, Тим Данкан, Стив Неш и Стеф Кари кои по два пати ја добивале ова престишна награда. Со по три МВП трофеи се Меџик Џонсон, Лери Бирд и Мозес Мелоун, додека по четири пати прогласувани биле Вилт Чемберлен и Леброн Џејмс. Со пет МВП трофеи се Бил Расел и Мајкл Џордан, а рекордер е Карим Абдул-Џабар со шест трофеи за МВП на сезоната во НБА лигата.

Јанис кој има 25 години, во НБА дојде во 2013 година кога беше избран како 15-ти пик на драфтот од Милвоки. Пред да заигра во НБА, тој беше дел од грчкиот второлигаш Филатлитикос.

 

- Оглас -

Најнови вести