Грците ги обвинуваат македонските власти и сакаат да играат, но со 650 навивачи на АЕК во Скопје

Епилогот од неодиграниот реванш-финален меч од Европскиот ракометен куп помеѓу Алкалоид и АЕК сè уште е непознат. Грчката екипа одби да излезе на теренот во знак на протест бидејќи во салата не биле пуштени сите нивни навивачи, околу 600, иако имаа само 200 билети.

Комисиите на ЕХФ сè уште немаат донесено одлука, а додека македонската јавност очекува праведна одлука и трофејот да го освои Алкалоид, од Ракометниот сојуз на Грција упати писмо до Европската ракометна федерација во која ги обвинуваат македонските власти за неодиграниот натпревар.

Во продолжение комплетното писмо на Ракометниот сојуз на Грција до ЕХФ, потпишано од претседателот и генералниот секретар.

„Господине претседателе,

Ви го испраќаме ова писмо во врска со вториот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп помеѓу екипите Алкалоид и АЕК, кој беше закажан за неделата, 25 мај, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Вие знаете дека Грчката ракометна федерација немаше никаква организациска или друга улога во спроведувањето на овие два финални натпревари, но со оглед на нашето присуство на двата натпревари, ги видовме проблемите што се појавија, како беа менаџирани, и чувствуваме обврска – за доброто на ракометот – да заземеме став.

Ве потсетуваме дека во нашата земја се организирани шест финалиња на ЕХФ Европскиот куп без никакви организациски, натпреварувачки или други проблеми. Истовремено, десетици слични европски финалиња во сите спортови се одржани во Грција без никакви организациски или безбедносни проблеми. На сите споменати настани целосно се почитувани правилниците на соодветните европски или меѓународни федерации, со исклучок на финалето на АЕК во сезоната 2020–2021, кога, поради ковид, беа следени здравствените протоколи на Европската федерација.

Во врска со ова конкретно финале, главното прашање е:

Зошто условите за негово одржување не беа однапред прецизирани, пред почетокот на натпреварите, кога веќе беше познат и капацитетот на салите и соодветните инструкции на Европската федерација во врска со безбедноста и бројот на билети на кои секој тим има право? Ако кој било тим имал безбедносен или друг проблем, тоа требаше да се дискутира и да се договори пред првиот финален натпревар.

АЕК, од своја страна, организираше одличен прв натпревар во сала со капацитет од 8.500 седишта без никакви проблеми со безбедноста или со гостопримството кон тимот на Алкалоид и нивните навивачи.

Во четвртокот, 22 мај, од Вас добивме известување за безбедносните проблеми што настанале во Македонија и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:

Зошто министерот надлежен за безбедноста во државата открива безбедносен проблем дури по првиот натпревар и само неколку дена пред вториот?

Зошто државните органи не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи во сала со капацитет од 7.000 места и нивен пристап од границата до арената?

Зошто АЕК беше притиснат, само неколку дена претходно, да игра втор финален натпревар во вакви услови?

Зошто на средбите одржани помеѓу претставниците на двата тима, безбедносните органи на Македонија и Европската федерација, ако навистина постоеше толку сериозен безбедносен проблем (за кој не бевме однапред известени), не беше предложено, од причини на еднаквост, финалето да се одигра со соодветно намалување на бројот на навивачи за двете екипи (на пр. 200 билети за АЕК – 2.000 билети за Алкалоид)?

Ве потсетуваме дека ова е вторпат АЕК да се соочи со ваков третман на гостински натпревар (претходно беше против Партизан), додека, напротив, натпреварите што се одржуваат во Грција се организирани на најбезбеден можен начин.

И на крај, нека властите на Македонија нè информираат кои се тие исклучителни безбедносни причини, само неколку дена пред натпреварот, што предизвикуваат забрана за влез на грчки навивачи во земјата?

Господине претседателе,

Имаме длабока заинтересираност да го заштитиме и да го браниме нашиот спорт, како во нашата земја така и на европско ниво. Нашата желба е големи клубови како АЕК, кои имаат илјадници навивачи, да учествуваат во грчкото првенство и европските шампионати во присуство на своите навивачи, како што предвидуваат правилниците – и дома и на гости – без оглед на односите помеѓу земјите од коишто доаѓаат.

Ова е големо достигнување за спортот воопшто.

Господине претседателе,

Мора да им покажеме на сите тимови во Европа, на сите што напорно работат за спортот (спортисти, функционери, судии и др.), дека постои волја кај сите земји и страни да се организираат натпревари со еднакви услови за сите.

АЕК во овој случај целосно ги испочитува правилата во првиот натпревар, без никакви проблеми, и требаше да добие ист третман и на вториот натпревар, независно од резултатот.

Верувајќи во Вашата проценка и во духот на ферплејот, чиешто потекло е од нашата земја и се прошири низ целиот свет како основна вредност на олимпискиот дух, очекуваме преиспитување на одлуката и повторно одредување на натпреварот со присуство на навивачи од двете екипи, како што произлегува од правилниците на ЕХФ, кои беа прекршени на вториот натпревар, без доволно оправдување.

Претседател на ОХЕ
Константинос Гандис

Генерален секретар на ОХЕ
Константинос Стаматиадис“, се вели во писмото.

Сепак, од Ракометниот сојуз на Грција иако наведуваат дека првиот меч на кој победи Алкалоид со 25-29 се играл пред 8.500 гледачи, забораваат да истакнат дека нашиот претставник имаше само 170 навивачи, што ако се земе процентуално е многу помалку и од оние 200 билети кои ги доби АЕК за сала со капацитет од 6.000 во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести