Кошаркарската репрезентација на Грција е освојувач на бронзениот медал на Евробаскет, откако во битката за третото место ја совлада Финска со 92-89. По голема драма во последната четвртина, селекцијата на Василис Спанулис на крајот стигна до целта.
Грците почнаа фуриозно и првиот период го добија со 24-15, а на полувреме веќе имаа двоцифрена предност (48-34).
Финска се обиде да стори нешто повеќе во третиот период, но Грција сепак не дозволи разликата драстично да биде намалена.
Но, Финците притиснаа во последната четвртина и на една минута пред крајот се доближија на 86-82. Во последниот напад, при водство на Грците од 90-87 селекцијата на Финска доби три слободни фрлања. Но, драмата беше среќна за Грците, затоа што Валтонен го промаши последното слободно фрлање, а потоа Финска промаши и зицер за водство од офанзивен скок.
На крајот, сепак, триумфот им припадна на избраниците на Василис Спанулис.
Јанис Адетокумбо ја предводеше Грција со 30 поени и 17 скока, а Дорси го следеше со 20 поени.
Кај Финците, Марканен постигна 19 поени, Валтонен еден помалку.