Грчката полиција верува дека меѓу уапсените 80-тина Хрвати е и убиецот кој го прободел со нож 29-годишниот Михалис Кацурис, кој им подлегна на повредите по синоќешните нереди во Атина, во кои навивачи на Динамо Загреб потпомогнати од фанови на Панатинаикос нападнаа навивачи на АЕК во близина на стадионот на овој клуб во населбата Неа Филаделфија.
Несреќниот Михалис бил прободен неколку пати, а кобно било пробивањето на артерија на раката, по што почнало неконтролирано крварење и тоа е причина за смртта.
Грчките медиуми пишуваат дека мајката на убиениот кога ја дознала веста за смртта на нејзиниот син, добила срцев удар, па и таа е во болница.
Од болницата во Атина каде што се сместени повредените Грци и Хрвати, велат дека едно малолетно момче има тешки повреди на главата и неговата состојба е критична.
Од клубот АЕК изразија сочувство за смртта на нивниот навивач и ги обвинија полицијата и Динамо за хаосот. УЕФА забрани присуство на гостински фанови во Атина, но хулиганите најдоа начин како да ја измамат полицијата и дојдат до Атина.