Домаќинот на Европското првенство кое започнува утре, Германија, како по обичај ќе се натпреварува во групата А заедно со селекциите на Швајцарија, Шкотска и Унгарија. Германците секако се топ-фаворити во оваа конкуренција, а Швајцарија се очекува да нема проблеми да дојде до втората позиција. Шкотска и Унгарија ќе се борат за третото место и ќе се обидат како една од четирите најдобри третопласирани да дојдат до пласман во осминафиналето.
Отпишаа многу ѕвезди, но сакаат нов златен блесок
Со четири светски титули и три европски злата на своето конто, Германија е најуспешната европска фудбалска репрезентација и на секое големо натпреварување влегува во потесниот круг фаворити. Уште кога се знае дека овојпат тие се домаќини на Европското првенство, јасно е дека Панцерите ќе атакуваат на освојување на медал.
Дека германскиот фудбал е во експанзија, покажуваат и резултатите на клупско ниво, каде што сезонава имаа одлични резултати. Сепак, шокантно делуваше одлуката на селекторот Јулијан Нагелсман да се откаже од услугите дури од седум докажани фудбалери.
Матс Хумелс (35), Леон Горецка (29), Хулијан Брант (28), Карим Адејеми (22), Никлас Шуле (28), Тимо Вернер (28), Серж Гнабри (28) нема да бидат дел од ЕП, но тоа не значи дека Германија ќе биде ослабена. Со Мануел Нојер на голот, Кимих и Рудигер во одбраната, „мозокот“ на тимот, Тони Крос, како и офанзивците Вриц, Гундоган, Мусијала и Хаверц, јасно е дека Панцерите имаат супер тим.
Во последно време негуваат формација 4-2-3-1, а дисциплината, цврстата игра, упорноста и силната психичка подготвеност се главните карактеристики на германската репрезентација. Со предноста на домашниот терен, упорноста и квалитетот што го имаат секако се сместени меѓу најголемите кандидати за титулата.
Пласманот на ЕП е најубав подарок за уживање на Тартан армијата
За Шкотска е успех што го продолжи континуитетот со настапи на ЕП. На последниот континентален настап немаа победа и завршија во групната фаза само со еден даден гол, а дека оваа репрезентација не е дел од „европскиот крем“, покажуваат и резултатите. Од септември лани до мај оваа година одиграа седум дуели, имаат пет порази и две ремија.
Цврста игра со многу воздушни дуели и цврста одбрана е стилот кој со децении го негува оваа селекција, а нивен адут може да биде публиката. Навивачите познати како Татран Армија се меѓу наверните и најпрепознатливите во Европа, па кога ќе игра Шкотска, сигурно нема да биде театарска атмосфера на трибините.
Над 90 отсто од репрезентативците играат на Островот, а нивната формација најчесто е дефанзивна со 4-5-1 или се трансформира во 4-2-3-1, но јасно е дека се само со еден класичен напаѓач кој ќе се обиде да го „вработат“ со долги топки. Секој гол, секој бод за нив е успех на ова ЕП.
Се профилираа како репрезентација која постојано е на големите натпреварувња
Од 1994 година досега, Швајцарија учестуваше на шест светски и пет европски првенства, што покажува дека овој национален тим има континуитет со учества на големи натпреварувања. Дека не се само декор, покажува и фактот дека на тие 11 големи натпреварувања, дури седумпати ја поминаа групната фаза, а на последното ЕП дојдоа до четвртфиналето.
Цврсто играат во одбраната, па не е случајно што од март лани до мај оваа година во 12 одиграни средби имаат само еден пораз. Иако често знаат да одиграат со малку голови, нивната формација најчесто е офанзивна (4-3-3).
Јан Сомер и Грегор Кобел се двајцата одлични голмани и тие даваат сигурност во одбраната во која царува Фабијан Шер заедно со Мануел Аканџи од Манчестер сити. Гранит Џака и Џердан Шаќири се клучни во средината од теренот и многу работи во играта ќе зависат токму од овие двајца. Треба да ја поминат групата, а потоа сè е можно.
Селекција која е бледа сенка од славното минато со кое може да се пофали
За Унгарија ова е трето Европско првенство по ред, а воедно тоа е и само трето нивно големо натпреварување во последните 38 години. Ова не е селекција која може да има фаворитска улога, но секогаш може да „откине“ некој бод на ривал, што значи дека не смее да се потцени. Токму тоа го покажуваат и резултатите.
Унгарија во квалификациите за ЕП немаше ниту еден пораз, а за добрата форма говори и фактот дека последен пат загубија од Италија во септември 2022 година. Од тој пораз до крајот на мај 2024 година, Унгарија има 14 средби без пораз (9 победи и пет ремија).
Сепак, кога се работи за големо натпреварување и одигрување на три тешки меча во краток период, Унгарија го нема потребното искуство да им парира. Стандардно играат во формација 3-4-2-1, што подразбира згуснат среден ред и одбрана. Во составот имаат играчи кои доаѓаат од над 10 различни првенства.