Вториот најголем фаворит за освојување на Европското првенство според квотите, репрезентацијата на Франција, е дел од групата Д. Во оваа конкуренција се уште и секогаш непредвидливата репрезентацијата на Холандија, но и незгодните Полска и Австрија.
Орлите не може да стигнат далеку на грбот на една ѕвезда
Полска на завршницата се најде откако го помина плејофот и во финалето дури на пенали го елиминира Велс. Со победата на стадионот во Кардиф, Полска покажа дека има психичка стабилност, цврстина и заслужено четврти пат во низа е дел од елитното континентално друштво.
Во 14 меча кои ги имаат одиграно на ЕП, Полска има само две победи, и тоа во 2016 година, кога прв и единствен пат ја помина групната фаза. Во останатите три настапи, завршуваше по групната фаза и без ниту една победа.
Поголем дел од репрезентативците играат во најсилните европски лиги во Европа. Дури шестмина имаат над 50 настапи за националниот тим, што потврдува дека се работи за искусен тим. Голманот Шченсни и голгетерот Левандовски се први ѕвезди, а тимот најчесто игра во формација 3-5-2. Екипата ја краси цврстина, борбеност и најчесто играат со малку постигнати погодоци.
Во една пеколна група каде што се и Холандија и Франција, тешко може да се очекува Полска да ја помине групната фаза.
Лалињата веруваат дека се созреани фудбалски да расцутат
Репрезентација која може да се пофали со европска титула, и тоа благодарение на златната генерација од 1988 година предводена од легендарните Ван Бастен, Гулит, Рајкард… Оваа Холандија сега нема такви ѕвезди иако факт е дека најголем дел од репрезентативците се дел од големите клубови.
Веќе со децении е позната формацијата на Холандија која негува офанзивен фудбал со тројца во нападот. Супер квалитетни се Гакпо, Депај, Ван Дајк, Де Јонг, Симонс, Блинд, Аке, Вајналдум, Мален, Копмејнрес и ако селекторот Роналд Куман направи „хемија“ во составот, Лалињата секако ќе бидат меѓу фаворитите за висок пласман.
Креативноста во играта и доминација во контрола на топката се главни карактеристики на оваа селекција, која пред една и пол година на Мундијалот во Катар загуби од светскиот првак Аргентина на пенали, што само потврдува со каков квалитет располагаат.
„Момците“ се ранливи кога меѓу нив го нема лидерот
Лесно помина во квалификациите и заврши со шест победи, едно реми и само еден пораз, па на крајот како второпласирана селекција во група со Белгија, Шведска, Азербејџан и Естонија се најде на завршницата на Европското првенство.
Во последните 14 меча кои ги одигра заклучно со 31 мај 2024 година, Австрија има дури 11 победи, две ремија и само еден пораз. Се работи за прилично млада селекција ако се знае дека само тројца играчи во составот имаат над 50 настапи.
Голем удар за Австрија ќе биде неиграњето на капитенот Давид Алаба, кој е повреден, па неговата улога ја преземат Арнаутовиќ, Сабицер, Лајмер и ќе треба да го оправдаат прекарот на националниот тим „Момците“. Формацијата во која играат најчесто е со стандардните 4-4-2 и со цврста игра ќе се обидат да изненадат во тешката група во која се наоѓаат.
Галските петли секогаш се стремат за шампионски лет
Една од најдобрите репрезентации во светот, но кога играат на Европско првенство, повеќе од 20 години немаат отидено подалеку од четвртфиналето, што е доказ колку е тешко да се игра на ова континентално натпреварување. Франција убедливо ги помина квалификациите и сега е подготвена да оди многу подалеку од четвртфинале.
Ѕвезден е тимот на Французите, кои во офанзивниот ред ги имаат Мбапе, Дембеле, Жиру, Гризман и Тирам. И во креативниот дел, односно средината на теренот, опасни ќе бидат искусните Канте, Коман, Камавинга, Рабиот, Фофана, Чуамени… додека за дефанзивата најзадолжени треба да бидат Кунде, Павард, Конате, Упамекано, Ернандес и Менди.
Со толку многу ѕвезди во тимот, јасно е дека Галските петли ќе играат офанзивно во формација 4-3-3 и на секој меч ќе атакува на победа, а нивна цел сигурно ќе биде освојување на златото.