Во групата Е се очекува голема неизвесност, но само за втората и третата позиција, за кои рамноправно ќе конкурираат Украина, Романија и Словачка бидејќи се чини дека првата позиција е резервирана за селекцијата на Белгија, која реално има најдобар состав во конкуренција на овие екипи.
Последна шанса за блесок на една генерација која никогаш не стана „златна“
Во последните 10 години оваа генерација на Белгија беше најавувана како зрела за освојување на некое големо натпреварување, и тоа поради фудбалерите кои ги имаше во својот состав. Кулминацијата ја имаа на Светското првенство во Русија, каде што играа во полуфинале и стигнаа до третото место.
На последните две ЕП играа во четвртфиналето, а на последното големо натпреварување, на Мундијалот во Катар беа разочарување и испаднаа во групната фаза.
Еден Азар замина во фудбалска пензија, но во офанзивниот дел тука се Де Бројне, Лукаку, Тросар, Тилеманс, Доку, Караско… Голманот Куртоа, кој пропушти голем дел од сезоната, се враќа во форма и треба да биде на голот на Белгија, а диригент во одбраната ќе биде Вертонген, кој има над 150 настапи за националниот тим.
Офанзивна игра негува Белгија со формација 4-3-3 и треба лесно да ја помине групната фаза, а потоа можно е да оди и многу далеку.
Стануваат редовен декор од ЕП, но немаат сила за нешто повеќе
Селекција за која успех е самиот пласман на Европско првенство, но фактот дека трет пат во низа е дел од елитната завршница на континенталниот собир, покажува дека има квалитет да биде меѓу најдобрите. Реално, Словачка имаше среќа во квалификациите, каде што освен фаворитот Португалија, за ривали за второто место во групата ги имаше Луксембург, Исланд, Босна и Херцеговина и Лихтенштајн.
Немаат ниедна голема ѕвезда во тимот, па и малкумина играчи имаат во Топ 5 лигите и тоа не се во екипи кои се борат за висок пласман. Сепак, сплотеноста, тимската игра, одличното познавање меѓу себе и цврстата одбрана се главни адути за Словачка на ова ЕП.
Иако играат во стандардна формација 4-3-3, дури на девет од последните 15 меча кои ги одиграле немало повеќе од два погодоци, што само потврдува дека се работи за „тврд орев“, кој сепак е со малку шанси да ја помине групната фаза, но може да ги „измрси“ сметките на дел од фаворитите.
Треба да покажат дека не е битно само да се учествува
Повремен учесник на ЕП, на кој границата му е групната фаза. Ова ќе биде шесто учество за Романија, а во претходните пет, дури четири пати се елиминирани во групата. Од 16-те мечеви кои ги имаат одиграно на континенталните дуели, имаат само една победа, пет ремија и дури 10 порази.
Сепак, фактот дека во квалификациите немаа ниту еден пораз (шест победи и четири ремија), дава надеж дека сега е можно нешто повеќе од само настап. Главен приоритет им е да ја сочуваат својата мрежа, па не ретко знаат да постават формација дури со петмина во дефанзивната линија.
Само тројца играчи може да се пофалат со повеќе од 40 настапи за репрезентацијата, па тоа неискуство на играње битни мечеви може да се покаже како проблем за нив. Сега пред нив имаат група со три противника на кои треба да им парираат, па и да покажат дека имаат квалитет да ја поминат основната фаза на ова натпреварување.
Имаат ѕвезди во подем кои може да ги однесат високо меѓу елитата
Селекција која во конкуренцијата што ја има во групната фаза треба да атакува на позиција за пласман во нокаут-фазата. Четврти пат во низа Украинците ќе бидат дел од континенталниот собир, а на последното првенство стигна до четвртфиналето.
Во последните 11 меча одиграни во последната година, заклучно со 31 мај 2024, Украина има седум победи, трми ремија и само еден пораз. Негуваат две различни формации. Кога се во ситуација да играат со некој поквалитетен ривал, најчесто играат 4-4-1-1, додека ако се во фаворитска улога, тогаш се во формација 4-2-3-1.
Довбик, кој имаше фантастична сезона во Жирона, е најистурен во нападот, а зад него се квалитетните Мудрик, Зинченко, Судаков, Циганков, Јармоленко, Степаненко… Во одбраната тука е искусниот Миколенко, а на голот е Лунин, кој сезонава блесна како прв голман на Реал Мадрид.