Кога ќе се прочитаат имињата на селекциите кои настапуваат во групата Ф, јасно е дека Португалија со Кристијано Роналдо е фаворит број 1. Во оваа група е и единствениот дебитант на првенството, Грузија, која сега се наоѓа во слична позиција како и Македонија пред три години, со обезбеден пласман преку Лигата на нации. Останатите две селекции се Турција и Чешка, незгодни екипи кои влегуваат со амбиции за пласман во осминафиналето.
Може да победат секого, но може и да загубат кога најмалку се очекува
Турција покажа дека има квалитет откако во квалификациите заврши како прва, иако беше во група со една Хрватска, која го освои второто место. Ова е една од најнепредвидливите селекции. Играат на еуфорија, на моментална инспирација и може да победат секого (пред седум месеци славеа над Германија со 3:2 на гости), но и да претрпат дебакл, како на пријателскиот меч против Австрија, кога само пред четири месеци загубија со 6:1.
Хакан Чалханоглу е лидерот на оваа селекција. Човекот кој знае како се освојуваат титули во најсилните првенства е „моторот“ во средниот ред, а покрај него на овој турнир се очекува да блесне и тинејџерот Арда Гулер од Реал Мадрид. Најчесто играат во формација со засилен среден ред и на тој дел од теренот треба да се „кршат копјата“, а ако Турција успее да воспостави контрола, може да се очекува и успех.
Им се исполни сонот, првпат ќе играат на ЕП
Репрезентацијата која е дебитант на големи натпреварувања. Грузија веќе подолг период мечтаеше да игра на ЕП, а тоа им успеа откако во плејоф-баражот, по голема драма, дури по подобро изведување на пенали ја елиминира Грција за огромна радост на стадионот во Тбилиси.
Сепак, факт е дека оваа селекција не е во рангот на најдобрите и самиот пласман на завршицата е успех за неа, а премија би било ако освои некој бод. Тренер им е искусниот Французин Вили Сањол, а прва ѕвезда во тимот е Кварацкелија од Наполи.
Интересно е дека во составот има играчи кои се дел од над 15 различни првенства. Се очекува да играат во дефанзивна формација со петмина играчи во последната линија, да чекаат грешка на противникот и ако може, преку брзи контранапади да изненадат. Ќе биде вистинско чудо ако ја поминат групната фаза.
Ако суперѕвездите направат добар спој, само небото може да им биде граница
Селекцијата која на најдоминантен начин дојде до пласман на ЕП бидејќи квалификациите ги заврши со 10 победи од 10 меча и гол-разлика од 36 дадени и само два примени гола. За Португалија ова е осмо Европско првенство во низа, а Кристијано Роналдо по рекорден шести пат ќе биде дел од континенталниот собир.
Португалија има супер селекција, со докажани ѕвезди. Освен Роналдо, во офанзивниот дел тука се и Бруно Фернандеш, Бернардо Силва, Рафаел Леао, Гонзало Рамос, па не е ни за чудење што играат во офанзивна формација од 4-3-3.
Португалија го има и најстариот играч на ова ЕП, а тоа е докажаниот Пепе, кој има 41 година. Овој тим го краси одлична техничка и тактичка подготвеност и сигурно Португалија ќе биде еден меѓу фаворитите не само во својата група, туку воопшто за висок пласман на турнирот.
На ЕП играат „цик-цак“, или стигнуваат барем до четвртфиналето или експресно испаѓаат
Откако е самостојна, Чешка била дел на сите континентални собири од 1996 година досега. Забележително е дека на едно ЕП ја поминуваат групната фаза, па на следното разочарува. Ако се гледа по тој редослед, сега не треба да ја помине групната фаза, но фактот дека и како трета може да оди понатаму, ѝ дава дополнителна шанса.
Најчесто играат во формација 3-4-1-2, а во нападот го имаат дуото Патрик Шик и Адам Хлоцер, кои одлично се познаваат бидејќи се соиграчи и во Баер Леверкузен. Немаат суперѕвезди во составот, но факт е дека играат цврсто, сигурно и ретко губат. Заклучно со 31 мај оваа година, имаат само еден пораз во последните 12 средби, а се постигнуваат минимум два погодока.
Сега се најдоа во една израмнета група и сигурно имаат свои шанси за место во нокаут-фазата, каде што сè е можно.