Грузијците може само да се надеваат на реванш против Рисовите

Македонија вечерва ќе ја вгости селекцијата на Грузија во рамките од третото коло во Лигата на нациите. Ова ќе биде дуел на двата фаворити од групата 4 од Сегментот Ц, по што сликата околу битката за првото место може да стане појасна.

Грузијците доаѓаат во Скопје со мотив да се реваншираат за поразот претрпен во Тбилиси, по кој Македонија обезбеди историски пласман на ЕП, меѓутоа големи се шансите да останат разочарани бидејќи составот на Боби Милевски има само еден пораз (од Германија со 0-4) во последните 13 натпревари на домашен терен.

Нашиот вечерашен противник во меѓувреме се залета со две сигурни победи од 4-0 над Гибралтар и 5-2 против Бугарија, но на арената „Тодор Проески“ тешко дека ќе го прикаже целиот квалитет. Проблем може да претставува талентираниот Квича Кварацкелија, кој е во добра форма со два гола и две асистенции на исто толку натпревари, меѓутоа еден поединец не може сам да ги надигра нашите Рисови, кои се гладни за нови победи.

Тој историски триумф од 1-0 вреден пласман на ЕП ни одржува позитивен биланс во меѓусебните дуели против Грузија, ако се знае дека немало победник во останатите две средби при нерешени 1-1.

Милевски успеа да одмори неколку играчи во триумфот над Гибралтар, додека останатите не се истрошија премногу вечерва и се очекува со нови сили да ја израдуваат македонската публика на Националната арена за продолжување на успешната кампања во овој циклус на Лигата на нациите.

Натпреварот е закажан за 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести