Грузијците се прашуваат кому му згрешивме? Македонија може да им ги искористи малерите

Грузијците се прашуваат кому му згрешиле толку што ги доведе во незгодна ситуација пред утрешниот историски дуел со Македонија, по кој победникот од Тбилиси ќе обезбеди прв настап на Европско првенство.

Малерите не престануваат, велат грузиските колеги новинари, а некако и спласна отпмизмот овде во Тбилиси, иако сè уште веруваат во победа против нас и прв настап на големо натпреварување.

Интересно е што наведоа 7 ситуации кои не им одат во прилог во текот на целиот премиерен циклус во Лигата на нациите, особено и пред големото финале што е на ред утре, од 18 часот, на стадионот „Борис Паичаѕе“.

Прво, поради корона-вирусот моравме да играме без публика во полуфиналето против Белорусија.

Второ, најголемиот талент Ѓорѓи Чакветаѕе, кој беше лидер на националниот тим во целиот циклус во Лигата на нациите, не играше против Белорусија.

Трето, УЕФА ни дозволи против Македонија да има навивачи, и тоа 30 отсто од капацитетот на нашата арена, но Владата на Грузија одби, потоа и УЕФА нареди да нема публика.

Четврто, Чакветаѕе нема да игра и против Македонија поради повреда.

Петто, Отар Китеишвили исто така ќе недостасува поради повреда.

Шесто, Квича Кварацкелија има корона-вирус, па и нашиот 19-годишен фудбалски бисер нема да игра против Македонија

Седмо, и не е само Кварацкелија, сега и Леван Шенгелија има позитивен тест на ковид-19, па и тој е аут за големото финале.

Има ли крај на малерите на Грузија во еден ваков значаен период, се прашуваат домаќините. И овде во Тбилиси некако ја нема познатата фудбалска атмосфера, што во нормална ситуација секако би била препознатлива.

Во Грузија е воведен полициски час од 22 часот навечер до пет изутрина поради корона-вирусот, земјата ја тресат протести на опозицијата, па фудбалскиот меч против Македонија што требаше да биде во фокусот, некако станува споредна работа, иако Грузијците, исто како и ние, горат од желба конечно да играат на едно големо натпреварување, или прво ЕП во историјата на двете земји.

 

 

- Оглас -

Најнови вести