Грузијците утре ќе имаат едно многу силно оружје што пред две години многу им фалеше

Македонската фудбалска репрезентација е во Грузија, местото каде што пред речиси две години ја оствари веројатно најважната победа во историјата. На 12 ноември 2020 година, Македонија славеше во Тбилиси со 1:0 во мечот кој одлучуваше за пласман на Европското првенство.

Убави се спомените кај поголем дел од фудбалерите коишто пристигнаа во Тбилиси затоа што беа дел и од тој дуел пред две години. За разлика од нашите убави спомени, кога на Грузијците ќе им се спомене македонска фудбалска репрезентација, „им паѓа мрак на очи“.

На тој меч во 2020 година Македонија искористи еден голем неочекуван адут, а тоа беше фактот дека дуелот се играше пред празни трибини. Поради пандемијата, УЕФА не дозволи присуство на навивачи на „Динамо арената“, па за домаќините изостана поддршката од над 50.000 навивачи.

За да дадат поддршка на тој меч, стотици навивачи излегоа на улиците и со запалени факли, аплауз и песна им дадоа поддршка на своите фудбалери, но, секако, тоа не беше доволно да се совлада Македонија.

Сега ситуацијата е поинаква. Стадионот во Тбилиси се очекува да биде полн, а домашните фанови ќе бидат голема поддршка за Грузија во обидот да стигнат до првото место во групата од Лигата на нациите, а со тоа да го продолжат сонот дека токму ЕП 2024 година ќе биде нивно прво големо натпреварување.

Македонија утре ќе игра без неколку стандардни првотимци. Поради разни повреди, откажаа капитенот Стефан Ристовски, Аријан Адеми и Дарко Чурлинов, а веќе сите знаат дека на теренот кај нас ќе го нема и пензионираниот Горан Пандев, кој пред две години беше стрелец на голот што ја одведе Македонија на Европското првенство.

- Оглас -

Најнови вести