Губеа со 4:0, навивачите им влегоа на теренот и им ги зедоа дресовите, па мечот не можеше да продолжи (Видео)

Еден од најславните клубови во Швајцарија, Грасхоперс, преживува тешки денови. По неверојатни 70 години, Грасхоперс на крајот од сезонава ќе испадне од елитното швајцарско натпреварување. На гостувањето кај Луцерн, Грасхоперс губеше со 0:4 во 70-тата минута, што наиде на голем револт кај навивачите на гостите.

За Грасхоперс ова беше 18-ти меч без победа и убедливо се „заковани“ на дното на табелата, без шанси да се спасат, иако има уште три кола до крајот. Навивачите на Грасхоперс решија предвреме да стават крај на агонијата на гостувањето кај Луцерн, па ја прескокнаа оградата на трибината и дојдоа до аут-линијата покрај самиот терен.

Играчите избегаа кон соблекувалните, а полицијата смирено ја следеше ситуацијата. Навивачите побараа од играчите на Грасхоперс да ги соблечат дресовите бидејќи не се достојни да го носат тој дрес. По неколку минути пауза, играчите ги соблекоа дресовите и дојдоа кај навивачите за да им ги предадат.

Домашните навивачи со аплауз го поздравија потегот на фановите на Грасхоперс, кои потоа се повлекоа. Сепак, мечот не можеше да продолжи бидејќи гостите немаа доволен број дресови за да го доиграат натпреварот.

Грасхоперс е убедливо најтрофеен клуб во Швајцарија. Има 27 титули во првенството, но последен пат на пехарот се радувал во 2003 година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести