Евертон со голови на Илиман Ндиаје го победи Саутхемптон со 2-0 во натпревар од Премиер лигата на кој Карамелите од Ливерпул за последен пат играа официјален меч на „Гудисон парк“, стадионот кој дури 133 години беше нивен дом и домашен терен.
Легендарниот „Гудисон парк“ нема да биде урнат, на него ќе игра женскиот тим на Евертон. Мажите се селат на новиот „Хил Дикинсон“ (има 52.888 седишта) кој ќе биде седми најголем стадион во Премиер лигата и на него ќе се играат натпревари и на Европското првенство во 2028 година.
Денешниот меч беше 2.789-ти за машкиот тим на Евертон на „Гудисон парк“ во сите натпреварувања, и 1.538-ма победа за домашните. Од следната сезона, стадион со најмногу одиграни прволигашки мечеви во Англија ќе биде „Енфилд“ кој истотака е во градот Ливерпул и на кој играат популарните Црвени кои сезонава ја освоија титулата. Над 2.000 мечеви се играле само уште на „Вила парк“ во Бирмингем.
На трибините беше и еден од најдобрите англиски напаѓачи на сите времиња, Вејн Руни, кој првиот премиерлигашки гол го имаше тука кога беше 16-годишен, а и самиот уште од дете е фан на Евертон.
„Гудисон парк“ е единствениот стадион на кој големиот Пеле загубил меч на Светско првенство, тоа се случи против Португалија во 1966 година, а на овој стадион првпат гол во Премиер лигата даде еден голман, првпат беше видено во Премиер лигата некој играч да постигне четири гола на еден меч.