Барселона убедливо со 4:1 победи на гости кај Севилја и се доближи само на два бода до лидерот во шпанското првенство, Реал Мадрид. Каталонскиот гигант до триумфот стигна со одлична игра во второто полувреме, кога постигна три погодоци.
Иако победата е убедлива, дефанзивецот на Севилја, Немања Гудељ, верува дека резултатот на крајот ќе бил поинаков доколку судијата досудел пенал за домашниот тим. Се работи за моментот кога Џибрил Соу падна во шеснаесетникот на гостите по дуелот со Кунде, но судијата Алехандро Ернандес не досуди пенал. Оваа ситуација беше при водство на Барселона од 2:1.
„Судијата донесе едно сомнително решение, а потоа тие ни дадоа гол за 3:1. Ако постигневме втор гол, ќе беше поинаку. Не сакам да зборувам за судиите, но видов како Кунде со рака го турна Соу и тој загуби рамнотежа и падна. Мислам дека тоа беше чист пенал. Во првото полувреме игравме многу подобро и тешко е да се објасни зошто падна нашата игра во вториот дел. Малку бевме опуштени на почетокот на второто полувреме, а тоа Педри го искористи и имаше додавање, по што примивме гол“, рече Гудељ.