Гудуриќ го „крена“ Фенербахче и ја продолжи мизеријата на Панатинаикос, кој заборави како се победува во Евролигата

Кошаркарите на Фенербахче го совладаа Панатинаикос во Атина по продолжението од пет минути и тоа со 88:94 во рамките на 18-тото коло во Евролигата.

Со победата во Атина, турскиот тим ја прекина црната серија од пет порази по ред, додека Зелените го доживеаја шестиот пораз во низа. Во текот на целиот натпревар екипите се менуваа во водство, во последната четвртина Панатинаикос имаше предност од седум поени, а во последните 30-тина секунди имаше пет поени предност.

Но, Фенербахче успеа да се избори за продолжение од пет минути по тројката на Гудуриќ. Во дополнителните пет минути, подобри беа гостите, кои го добија овој период со 9:3. Најпрецизен во редовите на Фенербахче беше Хејс со 24 поени, додека кај Панатинаикос се истакна Бејкон со 27 постигнати поени.

Неизвесна завршница имаше и на дуелот меѓу Монако и Олимпијакос, а на крајот славеше францускиот тим со 64:60. Најзаслужен за победата на Монако беше Мајк Џејмс, кој постигна четири од последните пет на неговиот тим, а со кошот во последната секунда ја завери победата.

Токму Џејмс со 19 поени беше најпрецизен кај Монако, додека во редовите на Олимпијакос се истакна Алек Питерс со 12 поени.
Убедливи победи остварија двата германски тима, Баерн Минхен и Алба Берлин.
Баерн со 92:79 ја победи Басконија, додека Алба го совлада Армани со 83:63.

Резултати: Црвена ѕвезда – Реал Мадрид 59:79, Монако – Олимпијакос 64:60, Алба – Армани 83:63, Баерн – Басконија 92:79, Виртус – Жалгирис 77:87.

- Оглас -

Најнови вести