Германецот со турски корени Илкај Гундоган го напушти Манчестер сити и за првпат ќе игра во земјата од која потекнува, и тоа за гигантот Галатасарај. Гундоган се сели крај Босфорот како слободен фудбалер, откако го раскина договорот со Граѓаните, но сега открива дека имал и други понуди, но тој веднаш знаел дека сака да игра за Галатасарај.
„Среќен сум. Ова е прекрасен ден за мене и за моето семејство. Радосни сме што сме тука и се надевам дека ќе се прилагодам што е можно побрзо. Имаше и други заинтересирани за мене, но мојата желба беше Галатасарај. Ги започнавме преговорите во мај или јуни. Клубот требаше да реши некои работи со Виктор Осимен и Лерој Сане, па затоа морав малку да почекам. Сепак, сè се среди и станав дел од семејството на Галатасарај“, вели Гундоган.