Нашинецот Бојан Ѓурчиновски со два гола, придонесе клубот Тре Фиори од Сан Марино да го елиминира луксембуршки Фола Еш, и да приреди вистинска сензација во квалификациите од Конференциската лига.
Тоа беше само четврта европска победа во историјата на клупскиот фудбал во Сан Марино. Во следното коло, Тре Фиори ќе игра со Б36 од Фарски острови кој истотака приреди чудо против Борац Бања Лука.
„Сите полудеа од среќа. После првиот меч на кој се браневме со бункер и го добивме со 1-0 и дадовме гол од единствената шанса, верувавме дека може да одиме понатаму. На реваншот игравме добро и со голема самодоверба“ – раскажува 28-годишниот Бојан.
Ѓурчиновски е роден во Струга во 1994 година, а десет години подоцна со семејството се преселил во хрватскиот град Ровињ. Како јуниор играл за мали клубови од Ровињ и околината, а потоа заминал во Италија, каде играл во петта лига.
„Во македонските медиуми велат дека сум Македонец, во хрватските пишуваат дека сум Хрват. Не знам ни јас веќе што сум, хахаха. Напишете дека сум по 49 проценти Македонец и Хрват, а 2 проценти од Сан Марино. Можеби еден ден ќе заиграм за Сан Марино. Добив огромен број на пораки, не го очекував ова“ – вели Ѓурчиновски.