Ѓуроски: Повторно со одлична одбрана ја победивме Норвешка

Стојан Ѓуроски е презадоволен од победата над Норвешка од 79:41 со која кошаркарската репрезентација на Македонија го освои првото место во претквалификациите и обезбеди пласман во главните квалификации за ЕП 2025.

Поради поразот во претпоследното коло од Словачка која потоа во последното коло ја совлада Данска, на Македонија само победа против Норвешка ја оставаше на првото место во групата Д, и избраниците на селекторот Александар Јончевски, успешно одговорија на предизвикот.

Македонија и во двата дуели со Норвешка оствари убедливи победи, во Гевгелија беше 58:36, додека денеска во Осло славеше со 79:41.

„Го следевме натпреварот меѓу Данска и Словачка, знаевме дека тој меч многу ни значи, но исто така бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме. Го следевме планот на селекторот кој беше многу сличен на оној од првиот меч во Гевгелија, да го запреме нивниот најдобар играч Фреј.

Успеавме во тоа, одигравме агресивен и цврст натпревар, примивме само 41 поен и мислам дека одбраната повторно беше клуч на нашиот успех со што го запечативме првото место кое го заслуживме. Во овој циклус игравме со силни репрезентации кои не се за потценување, сега ќе прославиме во очекување на следните ривали во квалификациите за ЕП“, вели Ѓуроски.

- Оглас -

Најнови вести