Премиер лигата се подготвува за продолжение на сезоната. Во петок ќе треба да се потврди планот на Британската влада за враќање на терените на 8 јуни, а објавена е и бројката на луѓе што ќе учествуваат во организацијата на натпреварите.
Британскиот „Телеграф“ информира дека најмалку 300 луѓе ќе бидат вклучени во организацијата на еден меч за да мине сè како што е предвидено и за да се задоволат сите протоколи препорачани од здравствените власти во услови на пандемија со ковид-19.
Во оваа бројка не се вкалкулирани луѓето што ќе се грижат за ТВ-преносите, па можно е бројката да скокне и до 400 луѓе што би биле на стадионот во време на одигрување на натпреварите.
„Телеграф“ ексклузивно објави и дека нема да има милост кон ниту еден клуб во Англија, без разлика во кој ранг на натпревари игра, ако не може да ги исполни сите мерки и протоколи. Во тој случај најавено е дека клубовите не би играле на својот стадион, туку ќе мора да бараат чаре за настап на друга арена во Англија.
Во петок сите премирелигаши ќе имаат нов состанок и се очекува потврда на најавената одлука дека Премиер лигата ќе продолжи на 8 јуни, а ќе заврши на 27 јули.
До прекинот на англиското првенство, Ливерпул е лидер со 82 бода, 25 повеќе од актуелниот шампион Манчестер сити, но и меч повеќе. На Црвените од „Енфилд роуд“ им требаат само две победи во преостанатите 9 кола за да ја освојат 19-тата титула во Англија, прва откако е формирана Премиер лигата.