Гвардиола: Ако Баерн го повика Мичел, лично ќе го возам со автомобил до Минхен

Пере Гвардиола, спортскиот директор на сензацијата во Ла Лига, Жирона, вели дека клубот нема да му прави проблеми на тренерот Мичел Санчес доколку на негова адреса пристигне понуда од некој европски гигант.

Жирона синоќа во фантастичен натпревар го совлада Атлетико Мадрид со 4:3 и по 19 кола во Ла Лига, има 48 освоени бода, исто колку и Реал Мадрид, со кого ја делат првата позиција на табелата.

Мичел негува динамичен, офанзивен и директен фудбал и тоа носи неверојатни резултати, поради што заинтересираните екипи полека почнуваат да тропаат на вратата на Жирона.

Пере Гвардиола, кој е брат на менаџерот на Манчестер сити, Хосеп, вели дека Мичел ќе остане на клупата на Жирона до крајот на сезоната, а потоа ако сака да си оди, управата нема да му прави проблеми.

„Што ако се јави некој тим како Баерн Минхен? Во тој случај, лично јас со мојот автомобил ќе го однесам во Минхен. Мичел заслужува да биде сопственик на својата судбина, а ние сме му многу благодарни за тоа што го прави со нашиот тим. Нема да му правиме никакви проблеми ако некој европски гигант го сака и, нормално, тој има желба да си оди“, изјави Пере Гвардиола.

Весникот „Марка“ пишува дека Њукасл е заинтересиран за Мичел, исто како и Олимпик Лион. Весникот исто така пишува дека нема да биде изненадување доколку Мичел остане уште некоја сезона во Жирона и потоа го наследи Хосеп Гвардиола на клупата на Манчестер сити бидејќи двата тима имаат ист сопственик.

- Оглас -

Најнови вести