Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, е свесен колку е вреден денешниот натпревар против Тотенхем во Лондон. Манчестер сити мора да брка победа за да биде во пол-позиција за освојување на нова титула во Премиер лигата.
Против Сити е традицијата која вели дека Граѓаните ги загубија сите четири гостувања во првенството на новиот стадион на Тотенхем. Сега не само што не треба да загуби, Сити мора да брка и освојување на три бода.
„Ако не победиме против Тотенхем во Лондон, нема да бидеме шампиони. Тоа значи дека мора да бидеме фокусирани на триумф. Секогаш е тешко да се игра против Тотенхем. Постојано се агресивни. Ако сега не успееме да победиме, Арсенал ќе биде првак“, рече Гвардиола пред вечерашниот дуел.
Сити ги загуби сите четири гостувања во првенството на новиот стадион на Тотенхем, но малерот го прекина во јануари, кога избраниците на Гвардиола победија со 1:0 во меч од ФА купот.
Сити моментално има 85 бода. еден помалку од лидерот Арсенал. Ако Сити ремизира против Тотенхем и стигне до 86 бода, колку што има и Арсенал, ќе биде втор на табелата затоа што има послаба гол-разлика.
Арсенал има плус 61 гол-разлика, а Сити е со плус 58 гола сезонава, што е доволно за второто место. Едноставно, Сити вечерва со сите сили ќе оди на победа.