Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, предупреди дека ако неговиот тим утре загуби бодови на гостувањето кај Вест хем, битката за титулата со Арсенал практично ќе заврши. Лондонскиот тим има предност од седум бода, но Граѓаните имаат одигран еден натпревар помалку.
Сити пред десет дена одигра реми против Нотингам Форест во последниот меч од Премиер лигата, а во средата претрпе тежок пораз од Реал Мадрид во Лигата на шампионите, пред реваншот од осминафиналето кој е закажан за вторник.
„Сега целосно се фокусираме на Вест хем. Овие средби се тешки. Да се освои Премиер лигата е најтешкиот трофеј. Сè уште сме во борбата, но ако загубиме бодови, таа завршува. Уживање е да се биде во таква позиција. Минатата сезона не бевме тука. Кога се стигнува до последните десет кола, секој тим се бори за нешто“, изјави менаџерот на Сити.
Гвардиола се осврна и на натпреварот со Реал Мадрид.
„Првите 20 минути пред првиот гол беа исклучителни, едни од најдобрите што сме ги одиграле таму. Секако, можевме подобро… Имаше грешки во моите одлуки. Второто полувреме започнавме добро и имавме шанси. Не е првпат да биде тешко, многу пати сум губел во Лигата на шампионите. За реваншот, тоа е натпревар каде треба да се обидеш да постигнеш прв гол и да победиш. Плановите понекогаш се менуваат, а исходот зависи од текот на играта“, истакна Гвардиола.

