Манчестер сити претрпе два порази во последните два меча со англиски ривали. прво беше елиминиран од Лига Купот кога загуби со 1:0 од Њукасл, а потоа беше поразен и од Вулверхемптон со 2:1 во Премиер лигата.
По седум одиграни кола Сити е лидер со 18 бодови, додека Арсенал е веднаш зад Граѓаните со 17 поени, па вистинско дерби ќе биде неделниот дуел на овие два тима закажан за в недела на „Емиратс“ во Лондон. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола вели дека Арсенал е еден од најголемите ривали на неговиот тим оваа сезона.
„Дали Арсенал повторно е кандидат за титулата? Се разбира дека е. Заедно со Ливерпул. Од тоа што го видовме досега, но треба да бидат одиграни повеќе од 10 кола за ситуацијата да биде појасна. Сепак, сигурен сум дека големите клубови се наши ривали. Арсенал е добар клуб. Тие имаат јасен модел на игра и нивна цел е да бидат прваци. Гостувањето на Емиратс ќе биде едно од најтешките за нас“, вели Гвардиола.
На почетокот на сезонава, Арсенал и Сити одиграа меч во Суперкупот на Англија и Топчиите стигнаа до трофејот откако по 90 минути резултатот беше 1:1, а потоа на пенали, лондонскиот тим беше поуспешен со 4:2.