Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, изјави дека славните денови на Манчестер сити веројатно завршија откако шампионот на Премиер лигата испадна од Реал Мадрид во разигрувањето за осминафинале во Лигата на шампионите.
Освен што прерано се елиминирани од ЛШ, Граѓаните се и на 17 бода заостанување од врвот во Премиер лигата.
„Бевме исклучително добар тим во минатото, но не повеќе. Ќе имаме време да размислуваме, не треба да се избрза со заклучоци. Поразот на домашен терен беше тешко да се проголта, а ова е уште потешко. Но, Реал Мадрид е многу добар тим и со текот на времето сите треба да ги прифатиме работите какви што се. Не можевме да го следиме нивниот ритам. Мора да размислуваме за Премиер лигата и ФА купот. Ќе се обидеме да се квалификуваме за Лигата на шампионите следната сезона. Имам сила да продолжам да работам“, започна Гвардиола.
Напаѓачот Ерлинг Халанд не играл синоќа поради повреда на коленото, која ја здобил во текот на викендот. Од друга страна, Сити не можеше да го запре Килијан Мбапе, а тоа го призна и Гвардиола, за кого ова е најсилниот Реал со којшто се соочил.
„Реал Мадрид секогаш е фаворит за освојување на овој трофеј, но не е само Реал. Ливерпул има навистина добра сезона, ПСЖ предводен од мојот пријател Луис Енрике е на добар пат, Барселона“, вели Гвардиола.